Левиот бек на Сенегал, Исмаил Џејкобс излезе со сериозни обвинувања, вели дека тројца негови соиграчи биле отруени во пресрет на финалето на АФКОН и прстот го впери кон Мароканците.
Контроверзното финале на АФКОН и понатаму ја бранува спортската јавност во Африка, а полемиките очигледно нема да стивнат во брзо време.
Сега се огласи левиот бек Исмаил Џејкобс, кој уште минатата недела најави дека допрва многу работи ќе излезат на виделина.
„Многу работи се случија пред натпреварот, ќе се дознаат во следните денови“ – кратко прокоментира тогаш тој.
Во разговор со Спортдигитал, Исмаил Џејкобс сега ги коментираше чудните околности под кои Крепин Диата, Усејну Нианг и Папе Матар Сар се повлекоа во последен миг, на тројцата им се слошило пред финалето, но прегледите во болница не утврдиле ништо конкретно.
„Не можам точно да кажам што се случи, бидејќи ги немам сите докази, но лично се сомневам дека тројца наши фудбалери беа отруени, и не стануваше за обично труење со храна, каде симптомите се повраќање и слично. Овие тројца играчи буквално се онесвестија, беше многу страшно. Не сакам да обвинува никого, но сигурно не беше несреќен случај“ – вели левиот бек.
Само за потсетување, Сенегал привремено го напушти мечот против Мароко откако домаќините во 98. минута добија пенал под сомнителни околности. Кога се вратија на теренот, Брахим Дијаз се посрамоти со „пенанка“ и биеше право во голманот Менди, па популарните „Лавови од Теранга“ во продолженија стигнаа до победа и злато.
Подоцна на социјалните мрежи се појавија и видеа од тоа како домаќините сакаа да му го украдат пешкирот на голманот Менди, сцени кои не доликуваат за натпревар од ваков калибар.