Тренерот на Барселона Ханси Флик не го криеше разочарувањето по поразот од Реал Сосиедад во 20 коло од Ла Лига. Каталонскиот гигант во неделата вечер загуби на гостински терен со 2:1, иако според стратегот прикажаната игра не го отсликуваше конечниот резултат.
„Не сум среќен. Разочаран сум, имавме многу шанси, а резултатот не го прикажува виденото на теренот. Сепак, ми се допаѓа како игравме, но моравме подобро да се браниме. Немавме среќа ниту во нападот. Нè дотолчи нивниот втор гол. Нашата игра беше добра. Можеби можевме подобро да се браниме во неколку акции, но задоволен сум. Игравме многу добро во последните две недели и мора така да продолжиме. Мораме да се фокусираме на следниот натпревар, кој е многу важен“, изјави тренерот на Барселона.
Флик се осврна и на изјавата на капитенот Френки де Јонг, кој посочи дека комуникацијата со судијата Хесус Хил Манзано била невозможна.
„Нема да трошам време ниту енергија на тоа. Френки е во право. Тој е мирен и капитен. На терен е и сака да разговара со него, а не може. Понекогаш и јас сакам да разговарам со четвртиот судија, а не можам, тоа треба да се прифати. Не знам дали постои недостаток на комуникација со судиите во Шпанија во глобала, но со Манзано дефинитивно постои недостаток на комуникација“, заклучи Флик.
И покрај поразот, Барселона ја задржа лидерската позиција на табелата со 49 бодови, а Флик потенцира дека тимот мора да продолжи во истиот ритам.