Зинедин Зидан раскажа за неговото прво искуство на клупата на „кралевите“ и што било клучно за тој да донесе успех на „Сантијаго Бернабеу“.
Реал Мадрид оваа недела реши да се раздели со Чаби Алонсо, кој издржа само половина сезона и на негово место пристигна Алваро Арбелоа.
Во слична ситуација се најде и Зинедин Зидан, кога на почетокот од 2016 беше промовиран од Кастиља тимот, на чело на првиот тим.
Популарниот Зизу сега откри која е тајната за неговит успех, вели дека мора да им се ставите на располагање на играчите, или во спротивно нема да издржите долго.
„Во Реал Мадрид, бевме ставени на располагање на играчите. Според мене, тоа го прави тимот силен, ние сме таму за играчите. Ако не го разбирате ова, тогаш нема долго да издржите“ – вели Французинот.
„Тука сме да им дадеме поддршка, да им покажеме дека сме дојдени за нив. За соблекувалната да го прифати тоа што сакате да го имплементирате, мора да ве сакаат. Доколку фудбалерите не се сложуваат со тоа што им го нудите, на тренинг, подготовки и слично, тогаш цело време ќе фали нешто“.
„Со нас, мислам дека фудбалерите уживаа на секое ниво“.
„Им влеавме самодоверба на играчите. Тие минуваа низ тежок период (кога Зидан седна на клупата во јануари 2016 година) и мораа да ја вратат вербата во себе и изичката подготвеност“.
„Создадовме систем во кој можеа повторно да го изградат тоа. Кога еден фудбалер е конкурентен, среќен да тренира и да излезе на теренот, сигурно може да освоите и три трофеи во Лигата на шампионите“.
„Се обидовме да им покажеме дека секој е важен, дека ако не тренираш добро, не можеш да играш“.
„Ако уште во понеделник се знае кој ќе игра во сабота, тое е лошо. Играчите кои не играат, нема да тренираат добро“.
По отказот на Чаби Алонсо имаше многу шпекулации за тоа што не чинело на „Бернабеу“, и еден од главните проблеми беше односот со ѕвездите и нивното одбивање да ги слушаат наредбите на стратегот и да ги имплементираат неговите замисли.