Манчестер Сити без поголеми проблеми обезбеди место меѓу четирите најдобри во Лига купот, откако на домашен терен славеше против Брентфорд со 2-0 и го продолжи походот кон нов трофеј во ова натпреварување.
Пеп Гвардиола одлучи за ротации и на „Етихад“ истрча со значително подмладен и изменет состав, но тоа не се одрази на контролата и иницијативата на неговиот тим.
Сити од старт го наметна ритамот и ја диктираше играта, додека гостите главно се ориентираа на дефанзива и чекаа шанса од прекин или контра напад. Отпорот на Брентфорд беше скршен во 32. минута, кога Рајан Черки со одличен удар од дистанца го совлада противничкиот голман и го најави пласманот во полуфиналето.
Во продолжението Сити продолжи сигурно да ја чува предноста, а дилемите околу победникот беа решени во второто полувреме, кога Савињо го постави конечниот резултат.