Фудбалерите на Интер тешко стигнаа до победа на гостувањето кај Верона, славејќи со 1-2 во натпреварот од 10. коло на Серија А.
Гостите поведоа во 16. минута преку Пјотр Зиелински кој одлично се снајде по изведениот корнер на Чалханоглу и со прецизен волеј погоди за 0-1. Верона успеа да се врати пред крајот на првото полувреме преку Џоване кој донесе израмнување на 1-1. Интер се мачеше да ја пробие одбраната на домаќинот, а Верона дури беше блиску до целосен пресврт кога Гифт Орбан ја погоди стативата во судиското продолжение.
Сепак, среќата на крај беше на страната на гостите, откако не реализираа неколку шанси. Во 94. минута по еден центаршут топката го погоди несреќниот Мартин Фрезе и заврши во мрежата за конечни 1-2.
Интер со оваа победа се искачи на третата позиција со 21 бод, само еден помалку од лидерот Наполи.