Македонската фудбалска репрезентација ќе го дочека Казахстан во последниот домашен меч од квалификацискиот циклус за следниот Мундијал.
Натпреварот кој ќе се одигра на арената „Тодор Проески“ е од голема важност за нашата селекција, мора да се победи за да се одржат шансите за висок пласман. Иако не зависиме сами од себе, мора да победуваме бидејќи само така би останале во трката. Македонија важи за фаворит против Казахстанците во Скопје, ама јасно е дека ќе биде тешко да се скрши нивниот отпор. Впрочем, тоа се виде и во првиот меч во Астана во кој тие имаа доста шанси.
Во моментов Македонија е лидер на табелата во групата, има 12 бода, еден повеќе од Белгија и два од Велс. Сепак, мора да се нагласи дека ривалите имаат по натпревар помалку на контото, па до крајот на циклусот имаат повеќе шанси за бодови.
Од огромна важност за разврската во групата ќе биде и денешниот меч во Кардиф, каде што Велс ја дочекува Белгија. Комбинации моментално има многу, меѓутоа една е најкристална. Македонија треба да навива за Велшаните, бидејќи таа комбинација би нè довела во ситуација сами да решаваме за својата судбина во ноември (секако, ако ние го победиме Казахстан).