Фудбалерите на Манчестер Јунајтед славеа во дербито против Челси со 2-1 (2-0) во петтото коло на Премиер лигата.
Пресметката на „Олд Трафорд“ донесе буквално сè. Црвени картони, голови, возбудувања, тензии и многу дожд. На самиот старт Челси остана со десетмина бидејќи голманот Роберт Санчез направи глупост и го собра Мбеумо во петтата минута. Тоа го измени цел концепт на Енцо Мареска кој ги повлече офанзивците Естевао и Нето заменувајќи ги со голман и стопер, а потоа повлечен беше и Палмер кој нејасно е дали се повреди.
Резултатот го отвори Бруно Фернандеш во 14. минута по асистенција од Доргу. Голот на Португалецот навистина долго се гледаше во ВАР собата, а спорно беше дали е во недозволена позиција, па решаваа милиметри. Во продолжението Јунајтед продолжи да притиска, па на 2-0 зголеми Касемиро. Сепак, Бразилецот во судиското продолжение направи глупост и тој доби црвен картон.
Со израмнети сили на теренот Челси се обиде да притисне и повеќе ја имаше топката. Имаа „сините“ поништен гол на Фофана поради офсајд. Гостите се вратија во натпреварот со голот на Тревор Чалоба во 80. минута (2-1), а во продолжението следуваше целосен притисок. Сепак, домашните успеаја да го одбијат налетот и ја одбранија победата.
Со овие три бода Манчестер Јунајтед дојде до седум на деветтата позиција, а Челси има еден повеќе и е шестопласиран.