Рубен Аморим вели дека нема намера да ја промени тактиката и покрај тоа што го има најлошиот скор како тренер на Манчестер јунајтед после Втората светска војна, додава дека раководството треба да му врачи отказ ако сакаат клубот да оди во друг правец.
Манчестер јунајтед синоќа загуби со 3-0 на гостувањето кај лутиот градски ривал Манчестер Сити и покажа дека многу работи не штимаат во тимот.
„Ѓаволите“ го имаат најлошиот старт на сезона по 1992/93, а Рубен Аморим е најлошиот тренер на Манчестер јунајтед во последните 80 години со процент на победи од само 36,17%, но и покрај тоа стратегот нема намера да ја промени тактиката 3-4-3, која очигледно не им лежи на фудбалерите.
„Нема да ја променам филозофијата. Ако раководството на клубот сака да ја промени, тогаш нека го промени тренерот“ – вели Рубен Аморим.
„Ќе играме според моите замисли се додека јас не сакам да променам нешто. Видете момци, ги разбирам прашањата и прифаќам дека резултатите не се онакви какви што сите очекуваат“.
„Но има многу работи што се случуваа изминативе месеци, а вие немате поим за нив“.
„Нормално е тоа што навивачите губат надеж, но не прифаќам дека не напредуваме. Напредуваме, едноставно резултатите не го покажуваат тоа“.