Утревечер, македонскиот
првак Вардар на домашен терен го пречекува норвешки Розенборг, во последното,
шесто коло од групата „Л“ во Лига Европа.
Дефанзивецот на
црвено-црните, Дарко Велковски во пресрет на утрешната пресметка најавува дека
сите фудбалери ќе дадат максимум од себе.
„Имаат сличен стил како
екипите кои игравме во квалификациите, Копенхаген и Малме. Некако сме навикнати
на тој стил на игра, сите играчи се подготвени за овој натпревар, ќе дадеме
100% и се надевам дека ќе ја израдуваме македонската публика“ рече Велковски.
„Треба да играме доле по
земја, затоа што нашиот противник има доста високи играчи. Ако успееме во тоа,
ќе им направиме доста проблеми. Што се однесува до одбраната, ако бидеме високо
поставено, нема да имаме проблеми во тие воздушни дуели со нивните напаѓачи“
додаде тој.