Баерн Минхен е пред ангажман на Николас Џексон од Челси, паднал договор за позајмица вредна рекордни 15 милиони евра, плус опција напаѓачот во целост да биде ангажиран за додатни 65 милиони евра.
„Баварците“ во последните денови од преодниот рок носат засилување за нападот кое повеќе личи на панично купување отколку добар трансфер.
Голем број на извори пренесуваат дека Баерн и Челси си подале рака за позајмица на Николас Џексон и тоа за рекордни 15 милиони евра.
Шампионот на Германија исто така ќе има опција во целост да го купи напаѓачот за додатни 65 милиони фунти, а „сините“ си обезбедиле и процент од евентуалната следна зделка.
Николас Џексон се пресели на „Стемфорд Бриџ“ во 2023 година во зделка вредна околу 37 милиони евра, и откако не успеа да се наметне како прв голгетер, падна во втор план откако ова лето беа ангажирани Жоао Педро и Лиам Делап.
Сенегалецот има солиден скор од 24 погодоци на 65 натпревари во Премиерлигата, но според Опта, реализирал само 18 од 61 „голема шанса“ или процент на реализација од 29, што е малку за напаѓач од врвен квалитет.