Oд Фудбалската федерација на Македонија денеска и официјално потврдија дека стадионот „Петар Милошевски“ во Битола е подготвен за натпеварот помеѓу Македонија и Италија во квалификациите за Европското првенство до 21 година кој е закажан за 9 септември.
Работата на стадонот во Битола траела околу 40-тина дена и биле потрошени околу 150.000 евра.
На стадионот поставени се нови столчиња на јужната трибина, целосно е обновена и обложена тартан патеката (просторот меѓу теренот и трибините), службените простории и медија делот се целосно опремени со мебел и потребен инвентар, набавени се нови клупи за резервни фудбалери, уреден е ВИП просторот, а стадионот доби и донација од ФФМ на современ ЛЕД семафор. Исто така бновен е и теренот.
Со ова Битола доби модерен стадион на кој и во иднина ќе може да се играат натпревари од меѓународен карактер.
„Успехот во Битола е пример за сите. Благодарение на посветената работа со градоначалникот Коњановски и неговиот тим во општината, за кратко време го доведовме стадионот ‘Петар Милошевски’ до нови стандарди, што УЕФА и самата го потврди. Ова претставува најдобар доказ дека кога заеднички се работи, резултатите се гледаат.
Следна наша фаза е да го поддржиме процесот на реконструкцијата на градскиот стадион во Тетово, со што продолжуваме да ја исполнуваме нашата стратегија за подобрување на фудбалската инфраструктура низ целата држава.“, изјави претседателот, Масар Омерагиќ.