ФФМ му одреди доживотна суспензија на фудбалерот-тепач од Шкупи

by riste
2 минути читање

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), остро ги казни фудбалерите на младинскиот тим на Шкупи кои беа дело од тешкиот инцидент кој се случи во Штип на мечот против Брегалница.

ФФМ објави соопштение во кое ги презентираше донесените одлуки за инцидентот кој се случи на мечот во младинските категории меѓу Брегалница и Шкупи во Штип.

Најтешко помина фудбалерот кој го почна инцидентот, тој се однесувал неспортски и со тупаници и со удар со нога се обидел да се пресмета со еден од фудбалерите на Брегалница. По што неговиот татко влегол на теренот и инцидентот кулминирал.

Играчот доби доживотна суспензија од ФФМ, па повеќе нема да може да го практикува овој спорт. Уште двајца играчи на Шкупи добија суспензии, тие по три месеци ќе бидат надвор од терените.

„Врз основа на собраните изјави, службени извештаи и пријавата доставена од Комисијата за млади категории во рамки на ФФМ, Првостепената дисциплинска комисија на ФФМ отвори и заврши неколку дисциплински постапки во согласност со Дисциплинскиот правилник (ДП) на ФФМ.

Најтежок инцидент се случи на крајот од натпреварот, кога играчот на ФК Шкупи 1927 со број 9, Абдуљи Леарт, физички го нападна противничкиот играч, нанесувајќи му сериозни повреди. Согласно член 43 став 2 од Дисциплинскиот правилник, со кој се санкционира физички напад со потешки последици, му е изречена најстрога санкција – исклучување од фудбалската организација.

Покрај него, уште двајца играчи на ФК Шкупи 1927 – Рамадани Ибрахим (бр. 5) и Новобрдалија Амар (бр. 30), исто така се вклучија во инцидентот и извршија физички напад. Против нив е поведена постапка согласно член 43 став 1, по што им е изречена казна – забрана на играње во траење од три (3) месеци.

Дополнително, беше утврдено дека играчот на ФК Брегалница 2008 со број 4, Гоцев Симеон, се впушти во груба игра и пречекорена самозаштита, реагирајќи на нападот. За неговата постапка, која спаѓа под член 40 од ДП, му е изречена казна – забрана на играње на четири (4) натпревари.

Одговорност на клубовите и официјални лица на клубовите

Првостепената дисциплинска комисија утврди и организаторска и колективна одговорност на двата клуба.

Против ФК Шкупи 1927 е поведена дисциплинска постапка согласно член 51 од ДП, поради физички напад од страна на родители/навивачи врз противнички играчи, со што е сторен тежок прекршок од страна на навивачи/гледачи. Согласно член 29, санкцијата се однесува конкретно на екипата, помлади пионери која го сторила прекршокот.

Против ФК Брегалница 2008 е поведена дисциплинска постапка согласно член 48 од ДП, поради слаба организација на натпреварот и пропуст во обезбедувањето. И во овој случај, согласно член 29, постапката и евентуалните санкции се однесуваат на конкретната екипа, помлади пионери која била домаќин на натпреварот.

Против Алејса Виши, координатор на млади категории на ФК Шкупи 1927 се поведува дисциплинска постапка поради давање на лажни информации, измама и доведување во заблуда, односно ставање во Комет системот на ФФМ, лица во графата – шеф на стручен штаб и кондициски тренер кои воопшто не присуствувале на натпреварот Брегалница – Шкупи 1927“, се вели во соопштението на ФФМ.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×