Денеска почнува второто коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), еден од двата воведни натпревари е дуелот меѓу дебитантот Арсими и поранешниот шампион Струга.
Арсими со бод во Куманово против Башкими дебитираше во најдобрата македонска лига, а сега време е за првиот домашен натпревар, противник е Струга.
„Струга е силен и квалитетен противник со големо искуство, но ние направивме детална анализа и знаеме каде можеме да ги изненадиме. Очекувам тежок дуел од првата до последната минута, но верувам во мојот тим и во поддршката од нашите навивачи. Секој фудбалер е свесен колку е важен овој натпревар и ќе дадеме максимум за да стигнеме до трите бода“, изјави еден од најзначаните играчи на Арсими, Арѓент Гафури.
Струга ТЛ имаше старт каков што посакуваше, со триумф над Македонија Ѓорче Петров. Денеска стружани го имаат првото гостување оваа сезона.
„Стартувавме успешно и целта на Струга Трим Лум е да продолжи победнички. Мислам дека имаме квалитетен тим, новиот тренер Бледи Шкемби успеа да ги вкомпонира добро и новите засилувања и сега останува ние да ги исполниме неговите задачи и да стигнеме до успех и против Арсими. Нема да биде лесно, противникот е нов прволигаш, сигурно ќе имаат огромна мотивација пред домашните гледачи, но ние сме подготвени и веруваме дека ќе ја оствариме целта. Го анализиравме Арсими, се работи за квалитетен тим, го покажаа тоа и на гостувањето кај Башкими. Имаат неколку одлични индивидуалци. Но, доколку ние бидеме на вистинското ниво, мислам дека ќе успееме да стигнеме до бодовите“, изјави напаѓачот на Струга, Марјан Радески.
Натпреварот меѓу Арсими и Струга се игра од 17 часот.
Распоред на 2. коло:
Денеска
Арсими – Струга 17:00
Тиквеш – Вардар 17:00
Сабота
Македонија ЃП 17:00
Работнички – Башкими 17:00
Недела
Шкупи – Силекс 17:00
Понеделник
Брера – Пелистер 17:00