Продолжува војната помеѓу Барселона и Марк андре тер Штеген, „каталонците“ решија да му го одземат и бројот на дресот.
Барселона и Марк андре тер Штеген влегоа во конфликт откако „каталонците“ решија да го ангажираат Жоан Гарсија за нов прв чувар на мрежата, а Германецот преку медиумите да дозна дека е вишок на „Камп Ноу“.
Незадоволен од третманот, Тер Штеген почна да прави сопки и реши да направи операција на грбот, со што пропадна можноста за позајмица или трансфер.
Но ситуацијата стана тензична откако голманот одби да даде согласност неговата медицинска документација да се сподели со Ла Лига, и на овој начин го блокираше процесот со кој Барселона може да искористи дел од неговата плата за регистрација на новите засилувања.
По ваквиот развој на настани, Барселона почна да влече потези, покрена дисциплинска постапка и привремено му ја одзеде капитенската лента на Тер Штеген.
Денеска следуваше ново понижување за голманот, тој остана без број на официјалната веб страна на Ла Лига.
Во моментов без број се оние фудбалери кои заминаа, како Ансу Фати и Ињиго Мартинез, и новајлиите кои не можат да бидат регистрирани – Жоан Гарсија, Маркус Рашфорд и Војчех Шчесни.