Ливерпул е клубот кој е најактивен на трансфер пазарот ова лето, „црвените“ до овој момент инвестираа нешто помалку од 300 милиони фунти на засилувања, но лесно оваа бројка може да отиде преку 400 милиони, па и да стигне до 500 милиони фунти.
Клубот од Енфилд може да има преоден рок за паметење и да постави нов рекорд кога се во прашање милионите потрошени на засилувања во еден трансфер период.
Ливерпул до овој момент инвестираше околу 300 милиони фунти за ангажман на Флоријан Вирц, Уго Екитике, Милош Керкез, Џереми Фримпонг, Армин Пеши и Гиорги Мамардашвили, кој беше пазарен уште пред 12 месеци.
„Црвените“ сакаат да го ангажираат и Александер Исак од Њукасл за кого можат да бидат потребни и до 150 милиони фунти, а на листата со желби се наоѓа и Марк Геи од Кристал Палас, кој има цена од околу 40-50 милиони фунти.
Па прашањето е како Ливерпул може да си дозволи ваква инвестиција и притоа да биде во склоп со правилата на УЕФА за Финансиски фер плеј, и правилата на Премиерлигата за профитабилност и одржливост?
Ливерпул минатата сезона потроши само 10 милиони фунти за ангажман на Федерико Киеза, па има направено резерва за трошење.
Плус, приходите за сезоната 2024/25 ќе бидат значително повисоки во однос на 2023/24 со оглед на тоа дека Ливерпул ја освои Премиерлигата, а настапуваше и во Лигата на шампиони.
Плус во иднина приходите дополнително ќе се зголемуваат поради новиот договор со Адидас, како и новиот договор за ТВ права во Премерлигата.
Исто така, многу е важен начинот на кој трансферите се калкулираат во пресметките за ФФП и ПСР (профитабилност и одржливост).
Фудбалерите во сметководствените книги се запишуваат како средства, тие се амортизираат во согласност со должината на договорот кој го потпишале, па за тековната сезона како трошок влегува само дел од тоа што е потрошено.
Под претпоставка Ливерпул ова лето да инвестира 500 милиони фунти, и сите фудбалери да стават потпис на петгодишни договори, годишната амортизација за сите ќе биде 100 милиони фунти.
За разлика од купувањето играчи, парите добиени од продажба на играчи веднаш се вметнуваат како приходи (разликата од сметководствената вредност на фудбалерот и сумата добиена за продажба), а Ливерпул ова лето веќе е во позитива од над 50 милиони фунти преку продажба на Трент Александер Арнолд, Коимин Келехер и Џарел Кванса.
До крајот на летото големи се шансите клубот да го напуштат и Дарвин Нуњез и Луис Диаз, и дополнително да се подобри финансиската состојба на Ливерпул.