Работнички се враќа од Унгарија со пораз од 3-0 од белорускиот Торпедо Белаз Жодино во првиот меч на стартот на квалификациите за Конференциската лига.
„Романтичарите“ не најдоа начин како да се спротивстават на поискусниот противник, кој казни секоја грешка и со голема предност ќе дојде на реваншот во Скопје. Тренерот Бојан Маркоски на прес-конференцијата не го криеше разочарувањето од резултатот, но смета дека неговите избраници не заслужија ваков дебакл.
„Беше тоа тежок натпревар и убедлив пораз за нас, а според мое мислење не заслуживме таков пораз од 3-0. Противникот беше поискусен тим, знаеше тоа да го искористи, го отвори резултатот од корнер, од воиграна акција која пред мечот им ја напоменавме на играчите. Првите 15 минути имаа контрола, потоа беа и многу подобар тим. Ние имавме една шанса пред крајот на првото полувреме која требаше да ја реализираме. Го започнавме вториот дел подобро, но имаше две ситуации во кои не реагиравме најдобро и тие постигнаа уште два гола. Еден шут заврши во мрежата, а во судиското продолжение беше неприфатливо да примиме уште еден гол. Но, има уште еден натпревар во кој ќе се обидеме да ја надоместиме негативата, не се откажуваме, ќе го дадеме максимумот“, изјави Маркоски.
Реваншот се игра следниот четврток на Арената „Тодор Проески“, со почеток од 18:00 часот. Работнички ќе брка чудо пред домашна публика.