Фудбалска романтика: Се откажа од висока плата за да игра во клубот кој го сака, а сега го врати во Втора лига!

by 24 фудбал
1 минути читање

Убава фудбалска приказна доаѓа од Шпанија, поточно од славниот Депортиво Ла Коруња. Екипата која на почетокот на овој милениум играше полуфинале на Лигата на шампионите и беше шампион на Шпанија, се врати во Втората лига откако во 2020 година паднаа меѓу третолигашите.

Херој на последната победа на Депортиво против Барселона Б беше Лукас Перез (1-0). 35-годишниот напаѓач зад себе има неверојатна приказна. Перез своевремено играше за Арсенал, Вест Хем, Алавез, Елче, Кадиз, Рајо… Сепак, последниот ден од 2022 година ветеранот реши да се откаже од својата плата од половина милион евра во Кадиз и се врати во Третата лига да му помогне на клубот за кој навива од дете.

„Им кажав на пријателите дека четиригодишното дете кое играше фудбал во околината на А Коруња имаше сон. Дојде време да се вратам. Јас не сум ѕвезда, јас сум истиот Лукас од Монелос. Не дојдов да спасувам, туку да помогнам. Парите мене не ме движат“, изјави своевремено Перез.

Овој фудбалер сезонава имаше круцијална улога за Депортиво Ла Коруња. Тој даде 12 гола и намести 17, меѓутоа вчерашната мајсторија од слободен удар дефинитивно е најважен во сезоната. Лукас Перез е под договор до крајот на кампањата, меѓутоа се очекува да остане во клубот кој го сака, особено бидејќи е миленик и на навивачите.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани