Италијанскиот фудбалер од редовите на Њукасл, Сандро Тонали доби нова суспензија од два месеци и парична казна од 20.000 фунти поради кршење на правилата за забрана за обложување во Англија, објави вчера Фудбалскиот сојуз на Англија.
Англиските медиуми денеска како дополнување на вчерашната казна објавија и на кои натпревари Тонали се обложувал. Станувало збор за натпревари против Брајтон, Барнли, Брентфорд, Манчестер Сити и Вест Хем. Неговите прогнози за средбите со Барнли, Сити и Брентфорд биле точни, додека останатите не ги погодил.
Тонали изјавил дека не може да се сети колку точно пари вложил, но нагласи дека не се повеќе од 10.000 евра.
Минатата есен ФИГЦ го казни Тонали поради обложување на натпревари во Италија и поради тоа ќе го пропушти Европското првенство на кое летово Италија ќе ја брани титулата. На терените Италијанецот треба да се врати на 27. август.
На почетокот на оваа сезона Тонали премина од Милан во Њукасл за сума од 70 милиони евра и веднаш покажа дека би можел да биде големо засилување. Но, набрзо дојде суспензијата, па досега запиша само осум настапи и постигна еден гол. Њукасл сезонава е далеку од повторување на минатогодишниот успех кога го освои четвртото место во Премиер лигата и се пласираше во Лигата на шампионите.