Фудбалерите на Лил приредија сензација и го изненадија европскиот првак Реал Мадрид на својот „Пјер Мороа“ со триумф од 1-0 во второто коло од Лигата на шампионите. „Догите“ одиграа добар дефанзивен меч, се одбранија од фаворитот и голот на Џонатан Дејвид им беше доволен за да дојдат до победата. Реал не беше на нивото, потфрли во офанзивниот дел и тоа резултира со пораз.
Голем шок доживеа и градскиот ривал на „кралевите“ Атлетико Мадрид, бидејќи на гостувањето кај Бенфика загуби со убедливи 4-0. Актуркоглу донесе водство за „орлите“, а во вториот дел со погодоците на Ди Мариа, Бах и Кокчу домаќините запишаа втора победа во елитното натпреварување.
Ливерпул рутински ја совлада Болоња со 2-0 (1-0) на својот „Енфилд“. Избраниците на Арне Слот беа подобри и со головите на Алексис Мек Алистер и Мохамед Салах ги израдуваа своите навивачи за втор триумф.
Изненадување приреди и Астон Вила, бидејќи на својот „Вила Парк“ го совлада Баерн Минхен со минимални 1-0. Момците на Унаи Емери беа во подредена улога, се бранеа во поголемиот дел од мечот, но ја искористија својата шанса. Астон Вила имаше поништен гол во првиот дел преку Пау Торес, а во 79. минута Џон Дуран донесе предност и победа на својот тим.
Стефан Ристовски и Аријан Адеми со својот Динамо Загреб испуштија победа против Монако (2-2) на својот „Максимир“. Сучиќ во третата дополнителна минута во првиот дел донесе водство за Динамо, а Батурина ја удвои предноста. Салису намали за Монако, а Закариа во 90. минута реализира пенал за реми. Двајцата македонски интернационалнци беа стартери во овој меч.
Јувентус со голем пресврт со црвен картон слави кај РБ Лајпциг со 2-3 (1-0) на „Ред Бул Арена“. Бенџамин Шешко донесе предност по половина час игра за Германците. На стартот на вториот дел Душан Влаховиќ погоди за израмнување (1-1). Голманот на „старата дама“ Микеле Ди Грегорио доби црвен картон откако надвор од шеснаесетникот ја допре топката со рака. Од тој прекин Лајпциг доби пенал кој Шешко го претвори во гол. Само три минути подоцна Влаховиќ успеа да израмни. Франциско Консеисао со нов ефектен гол донесе пресврт и победа за Јувентус.
Клуб Бриж минимално го совлада Штурм Грац (0-1) со голот на Цолис.