Екипата на ПСЖ беше елиминирана во полуфиналето на Лигата на шампионите по двомечот со Борусија Дортмунд. Двапати парижани загубија минимално со по 1-0 од ривалот од Германија, а во текот на двата дуели дури четири пати ја погодија рамката од голот.
По вториот пораз на „Паркот на принцовите“ тренерот на парижани Луис Енрике го изрази своето незадоволство, меѓутоа му честиташе на противникот.
„Првичното чувство по елиминацијата е тага. Не можеме да кажеме ништо друго. Не бевме инфериорни ниту во еден меч. Фудбалот е чудна игра, некогаш и не е фер. Не можевме да постигнеме погодок и покрај дури 31 шут кон голот. Сепак, натпреварите се добиваат давајќи голови, а не погодувајќи ја рамката. Среќен сум од тоа што го видов од моите играчи, вистински дух. Ова беше тим кој што даде сè што имаше. Навивачите беа неверојатни, се надевам вака сплотени ќе продолжиме и во иднина. А, сега мора да му честитаме на противникот кој се пласира во финале“, изјави Енрике.
Борусија Дортмунд се пласира во финалето на „Вембли“ и го чека својот ривал од вториот полуфинален пар.