Фудбалот е неверојатен, а за тоа најдобро зборуваат ваквите приказни. Херој на Реал Мадрид во полуфиналето на Лигата на шампионите против Баерн Минхен беше искусниот напаѓач Хоселу. Тој во 81. минута влезе во игра, за седум подоцна прво да израмни и во 91. минута да донесе целосен пресврт и делириум на трибините на „Сантијаго Бернабеу“.
Приказната поврзана со Хоселу е навистина неверојатна. Уште по натпреварот се појавија информации дека пред две години напаѓачот како навивач го следел финалето во Париз во кое Реал го победи Ливерпул за 14. трофеј во елитното натпреварување.
Ситуацијата е уште поинтересна откако навивачите пронајдоа „твит“ на Хоселу од 2012 година. Сегашниот херој на мадриѓани, тогаш како млад фудбалер преку социјалните мрежи побарал линк да следи натпревар на Реал. Хоселу на својот Твитер налог напишал: „Може ли некој да ми прати добар линк за гледање на Реал?“. Во тоа време напаѓачот беше дел од Б тимот на гигантот, а потоа замина во Германија.