Црвена звезда по голема драма стигна до трофејот во Купот на Србија, откако дури по изведувањето пенали ја совлада Војводина. Регуларниот дел од финалето заврши без победник 2-2.
Тимот од Нови Сад поведе уште во втората минута со најбрзиот гол во историјата на финалињата на Купот на Србија, дело на Шуз. Иако Звезда имаше поголем посед и иницијатива, не успеваше сериозно да се закани пред противничкиот гол.
Војводина дополнително ја зголеми предноста во 35. минута, кога Видосављевиќ погоди за 2-0, резултат со кој се замина и на полувреме.
Во вториот дел избраниците на Дејан Станковиќ тргнаа офанзивно и успеаја да намалат преку Марко Арнаутовиќ во 54. минута.
Звезда постојано притискаше во обид да стигне до израмнување, а Војводина успешно се бранеше сè до самиот финиш. Тогаш по лоша реакција на одбраната, топката стигна до Родриго, кој од непосредна близина погоди за 2-2 и го одведе натпреварот во продолженија.
Во дополнителните 30 минути двете екипи играа внимателно и без премногу ризик, па победникот беше решен по пенал-драмата.
Во пенал рулетот трагичари за Војводина беа Младеновиќ и Џон Мери, додека кај Звезда непрецизен беше само Лучиќ.