По девет години поминати на Сантијаго Бернабеу, Кристијано Роналдо започнува нова авантура. „Старата Дама“ испиша нова историја во Калчото оваа недела откако на Реал Мадрид му плати 100 милиони евра за услугите на Португалецот.
Во екот на шпекулациите а и по реализирањето на зделката, голем дел од фановите на Манчестер јунајтед се запрашаа зошто „Црвените ѓаволи“ не се обиделе да го вратат поранешниот миленик на публиката на Олд Трафорд.
Според неколку извори, Жорж Мендеш го понудил ЦР7 на најтрофејниот клуб од Англија, но Манчестер јунајтед не бил расположен да плати 100 милиони евра и да одвои годишна плата од 30 милиони евра за 33 годишен фудбалер.
Добро упатениот новинар Гиљем Балаге открива дека покрај Манчестер јунајтед, Кристијано Роналдо исто така бил понуден и на ПСЖ но Жорж Мендеш и од „Светците“ добиле ист одговор: НЕ.
И новинарот Сем Пилгер вели дека Кристијано Роналдо бил понуден на „Ѓаволите“ но лидерите на клубот и Жозе Мурињо решиле на друго место да ги инвестираат парите ова лето.
Според овие стории, Јувентус бил само трета опција за Португалецот, и „Бјанконерите“ биле единствените кои „загризале“ на понудата од Жорж Мендеш.
Но вреди да се напомене дека џентлменскиот договор помеѓу Флорентино Перез и Кристијано Роналдо според кој Реал ќе дозволи продажба за 100 милиони евра важи само за клубови кои не се директни ривали за „Кралевите“ а на црната леста се токму имињата на ПСЖ и Манчестер јунајтед, покрај она на Барселона. Па прашање е дали Флорентино Перез ќе дал зелено светло за трансфер во Париз и Манчестер дури и доколку тие искеширале 100 милиони евра.