Вардар го забележа вториот пораз по ред откако со 1-0 беше совладан на гостувањето кај Струга, малку фалеше црвено-црните да се спасат од пораз, но Давид Бабунски не реализираше пенал во последните моменти од мечот.
Црвено-црните влегоа во лош период, актуелниот шампион на Македонија нанижа два порази по ред. По неуспехот против Шкендија, денеска не освои ништо и во дербито против Струга.
Вардар добро го почна мечот, имаше контрола над играта, но како одминуваше времето работите почнаа да се менуваат. Марјан Радески даде гол, но му беше поништен поради офсјад, Струга не поведе во тој момент. Истиот играч брзо потоа имаше и шанса, но Давор Талески го одбрани неговиот удар.
Гостите од Скопје се заканија преку Дарко Велкоски и Кастањеда, но не успеаа да поведат. Казната стигна во 60. минута кога по асистенција од Шабани, Малески даде гол за водство на Струга од 1-0.
Вардар се обидуваше да израмни, а најголемата шанса ја имаше во 96. минута кога доби пенал по игра со рака на Диако. Бабунски ја презема одговорноста да ја изведе најстрогата казна, но биеше високо над голот.
На крајот Струга се радуваше на победата, а Вардар ќе гледа што побрзо да излезе од оваа криза во која се најде на почетокот од сезоната.