Три македонски екипи бркаат пласман во второто претколо на Конференциската лига.
Најблизу до целта е Вардар кој работата речиси си ја заврши во Скопје со победа од 3-0 над Ла Фиорита. Тимот од Сан Марино ќе ги дочека вардарци одново како аутсајдер, а момците на Гоце Седлоски сакаат со втора победа да се „чекираат“ во второто коло каде што ги чека швајцарска Лозана.
Силекс ќе брка два гола негатива против Дечиќ, бидејќи загуби со 2-0 на гостувањето во Црна Гора. Кратовчани без Мартин Мирчевски ќе мора да бркаат кам-бек, но тоа нема да биде баш лесно. Тренерот Александар Васоски најави дека нема предавање, а за Силекс е најавена поддршка од Кратово на теренот „Петар Милошевски“ во Скопје.
Во најлоша ситуација е Работнички кој првиот меч го одигра како гостин на неутрален терен во Унгарија, а загуби со 3-0 од Торпедо Белаз. Белорускиот тим е на чекор од пласман во втората рунда, но тренерот Бојан Маркоски нагласи дека скопскиот тим ќе се обиде да се покаже на реваншот.
Први на терен ќе истрчаат фудбалерите на Работнички во 18:00 часот, во 19:00 стартува дуелот на Силекс, а во 21:00 Вардар гостува кај Ла Фиорита.