УЕФА попушта пред заговорниците на Суперлигата, следува нов модел и спојување со ЛШ?

by 24 фудбал
1 минути читање

Суперлигата повторно се враќа во игра. По неколку години тишина околу проектот што предизвика вистински потрес во европскиот фудбал, УЕФА и компанијата А22, која стои зад иницијативата, наводно се приближуваат кон историски договор.

Како што пренесува „Мундо Депортиво“, разговорите меѓу двете страни се во поодмината фаза, а целта е создавање модел што ќе ги задоволи и поддржувачите на традиционалната Лига на шампиони и визијата на Суперлигата.

Клучните предлози на А22 се две големи новини. Првата е лансирање глобална стриминг платформа за емитување натпревари, а втората е редизајн на форматот со цел да се зголеми атрактивноста, при што би се задржало името Лига на шампиони.

Новиот систем би го задржал бројот од 36 учесници, но тие би биле поделени во две групи. Првите 18 според рангирањето на УЕФА би играле во првата група, а останатите 18 во втората. Секој тим би одиграл осум натпревари, што би значело дерби дуели речиси секоја недела.

По групната фаза, осумте најдобри од секоја група би се пласирале директно во осминафиналето, а останатите би играле плејоф за преостанатите места.

Според „Мундо Депортиво“, натпреварите би се емитувале преку платформата UNIFY. Бесплатната верзија би вклучувала реклами, а премиум опцијата би овозможувала гледање без прекини. Договорот сè уште не е потпишан, но доколку биде финализиран, новиот формат би можел да заживее веќе во 2027 година.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×