Галатасарај доживеа тежок пораз на гостувањето кај Ајнтрахт Франкфурт во првото коло од Лигата на шампионите, откако загуби со убедливи 5-1.
Истанбулскиот гигант одлично го отвори мечот и поведе уште во осмата минута преку Јунус Акгун, но пред крајот на првото полувреме прими три брзи гола кои практично го решија исходот. Во второто полувреме домаќините постигнаа уште два гола и стигнаа до висока победа. По натпреварот, тренерот Окан Бурук не го криеше разочарувањето.
„Тажен сум и разочаран, иако не мислам дека игравме толку лошо. Во првите 30-35 минути верував дека можеме да победиме, но потоа среќата не беше на наша страна. Покажавме две различни лица во двете полувремиња, а најлошото е што се предадовме прерано. Брзите голови пред паузата им дадоа голема самодоверба на Ајнтрахт, а ние не најдовме одговор. Во второто полувреме тие нè надиграа и беа многу поопасни. Сè уште сме во процес на градење на нашата игра и мораме значително да ги подобриме перформансите“, изјави стратегот на Галата.
Поразот во Франкфурт е сериозен удар за турскиот шампион кој ќе мора брзо да реагира доколку сака да остане конкурентен во групната фаза.