Струга не успеа да го сочува водството и покрај тоа што во два наврати беше во предност, па на крајот мораше да се помири со пораз од Силекс од 2-3 во рамките на 18 коло од ПМФЛ.
По натпреварот разочарувањето кај стружани беше очигледно, а најгласен беше стратегот Бледи Шкемби кој смета дека неговиот тим е сериозно оштетен.
„Двапати водевме, постигнавме трет гол и без причина го поништија поради офсајд. Исто така имаше и чист пенал за нас, меѓутоа не беше досуден. Вториот гол на Силекс беше офсајд, а ВАР не реагираше. Мислам дека судијата ни ја одзеде победата. Не сум тренер кој се занимава со судиите, ама многу грешки се прават против нас“, прокоментира Шкемби.
Струга сега ќе мора брзо да се прегрупира затоа што веќе следува нов предизвик. Во наредното коло актуелниот шампион ќе гостува кај Пелистер во Битола, во меч закажан за 21 февруари.