Бодо/Глимт го елиминираше Интер со вкупни 5-2 во плеј-офот за осминафиналето во Лига на шампионите и испиша историја за норвешкиот фудбал. По триумфот и на реваншот на „Џузепе Меаца“, тренерот Кјетил Кнутсен не го криеше воодушевувањето од изданието на својот тим, кој без страв и респект кон големото име на противникот одигра зрело и храбро.
„Дојдовме во овој фудбалски храм и го победивме Интер, а тоа е нешто што за многумина делуваше невозможно. За нас тоа не е чудо, туку тоа е резултат на долги години напорна работа. Им кажав на моите играчи пред мечот: „Не ги гледајте имињата на ривалот, туку само топката и верувајте во себе“. Денес тие се херои. Интер е одличен тим, ама го натеравме да се чувствува непријатно во својот дом. Ова е најголемата ноќ во историјата на клубот. Со кој и да играме во осминафиналето, Манчестер Сити или Спортинг, ќе се подготвиме на ист начин. Ние не дојдовме да учествуваме, туку да се натпреваруваме“, истакна Кнутсен.
Подвигот добива уште поголема тежина ако се знае дека Бодо/Глимт во 2026 година во Европа веќе ги совлада Манчестер Сити, Атлетико Мадрид и двапати Интер.