Тајните од трансферот на Мбапе: Реал понудил 214 милиони евра, Мендеш од никаде си „лапнал“ богата провизија

by
5 минути читање

19 годишниот
Французин стана вториот најскап фудбалер во светот откако во последниот ден од
летниот преоден рок во 2017 се пресели на Паркот на Принцовите.

Трансферот беше
договорен како едногодишна позајмица со опција за 12 месеци да биде купен за
180 милиони евра. Медиумите кои ги обработуваат документите од „Фудбал Ликс“
како „Медиапарт“ и „Шпигел“ сега откриваат повеќе детали од зделката и што точно
се случувало тоа лето.

Реал Мадрид прв
тропнал на вратата на Монако и на 20 јули постигнал договор со клубот од кнежевството за трансфер од
180 милиони евра. „Кралевите“ исто така се сложили и да го платат данокот од 34
милиони евра кој требал да биде на товар на Монако (Шпанија го смета Монако за
даночен рај и има 19% данок на профит од продажби на шпанскиот пазар).

Но таткото на
Килијан Мбапе не дал зелено светло бидејќи бил загрижен дека неговиот син ќе
има мала минутажа покрај Роналдо, Бензема и Бејл во форот на Реал Мадрид.

Тие го одбрале
ПСЖ и за кратко време си подале рака со „Светците“. Спортскиот директор Антеро
Енрике без многу преговарања ги прифатил условите на таткото на Мбапе за нето
примања од 55 милиони евра или поточно 5 милиони бонус за потпис и 50 милиони
евра плата за 5 години (платата на Килијан во првата година била 7 милиони, па
пораснала на 9,3 милиони во втората и ќе продолжи да расте во иднина се до 12
милиони евра во последната година).

„Светците“ сепак
покажале заби кога преговарале за другите услови и одбиле неколку луди барања.
Килијан Мбапе сакал да биде најплатен играч на ПСЖ доколку ја освои „Златната
топка“ што во превод би значело преку 30 милиони евра колку што заработува
Нејмар. ПСЖ го одбил ова барања и се сложил само да му исплати бонус од 500.000
евра доколку стигне до оваа индивидуална награда.

Мбапе исто така
сакал клубот да му плати и 50 часа патување со приватен авион во текот на
годината, како и дополнителен бонус доколку ПСЖ биде казнет од УЕФА и исфрлен
од Лигата на шампионите, но и овие барања биле одбиени. Играчот добил само
30.000 евра месечно за кирија и тројца вработени (батлер, шофер и лично
обезбедување).

Килијан Мбапе
исто така сакал и клаузула со која ќе може да го напушти ПСЖ доколку пристигне
богата понуда во првите три години, во прв момент му било одбрено ова но потоа
првиот човек на ПСЖ, Насер Ал Келаифи го известил играчот и неговиот татко дека
тоа е невозможно бидејќи законот не дозволува ваква клаузула.

Но тука не
завршуваат сите матни работи околу трансферот. Кога зделката беше договорена да
биде позајмица со опција за перманентен трансфер следното лето, сите мислеа
дека ова е за да се заобиколат правилата на УЕФА за финансиски фер-плеј откако
претходно тоа лето ПСЖ го купи Нејмар за 222 милиони евра. Иако ова веројатно е
точно, трансферот има ваква структура и за да се избегне плаќање на данок од околу 10
милиони евра. Исто така, целата сума од 180 милиони нема да заврши на сметка на
Монако, туку дури 124 милиони евра ќе легнат кај сопственикот Дмитри
Риболовлев.

Исто така,
најпознатиот агент Жорж Мендеш од никаде си „лапнал“ провизија од околу 9
милиони евра (5% од трансферот). На никого не му е јасно зошто Португалецот
добил ваква исплата бидејќи немал никаква инволвираност во трансферот. „Медиапарт“
и „Шпигел“ велат дека има документи кои сугерираат дека Жорж Мендеш добил
богата награда поради тоа што пуштал шпекулации дека Килијан Мбапе ќе заврши во
Реал со што драстично ја зголемил цената на играчот.

Можно е и ова да ти се допаѓа

@2024 – Сите права задржани