Луис Суарез се враќа на Енфилд. Напаѓачот со Барселона гостува кај Ливерпул во реваншот од полуфиналето во Лигата на шампионите. Многу очи ќе бидат вперени во него откако минатата недела лудо прослави кога го отвори резултатот, а и во неколку наврати се кошкаше со фудбалерите на „црвените“.
Уругваецот попладнево на пресот проговори на оваа тема и истакна дека не очекува жежок пречек.
„Специјално е да вратам тука откако имав неколку убави години во Ливерпул. Имам прекрасни спомени од моето време поминато на Енфилд“ – вели Луис Суарез.
„Тоа што бев дел од Ливерпул ми помогна на многу начини, ме направи поголем професионалец, ми помогна да станам позрел. Тоа што имав играчи околу мене со големо искуство ми помогна да станам подобар. Тоа што бев капитен на Ливерпул беше еден од најгордите моменти во мојата кариера и никогаш нема да го заборавам тоа“.
„Ја имам сета почит на светот за фановите на Ливерпул, многу сум им благодарен. Доколку постигнам гол утре, нема да славам како што славев на Камп Ноу“.
„Луѓето кои го разбираат фудбалот, го сакаат овој спорт, знаат што значи да се постигне гол во полуфинале од Лигата на шампионите. Го славев со моите фанови и потоа побарав прошка од фановите на Ливерпул, дел од нив ми аплаудираа“.
„Мислам дека утре, за сиот труд и напор даден во дресот на Ливерпул, луѓето знаат што имам напревено, очекувам да има повеќе аплаузи отколку свирежи. Сигурен сум дека ќе има луѓе кои ќе ме свират, но немам ништо против. “
„Има луѓето од кантината во Мелвуд кои имаа подготвено подароци за мене и моите деца и ме чекаат да се видиме. Мојата ќерка е родена тука, мојот син ги знае сите песни. Тие ќе бидат на трибините утре, па можете да замислите…“