Скопско дерби: Сѐ освен победа на Вардар ќе биде сензација!

by riste
3 минути читање

Денеска на програмата се два натпревари од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), на терените на ФФМ Работнички го пречекува Вардар, а во Струга гостува Силекс.

Соседското дерби меѓу Работнички и Вардар овојпат е натпревар на две екипи кои се наоѓаат во комплетно различна форма.

Вардар е лидер на табелата и атакува на двојната круна, а на Работнички ќе му треба чудо за да се спаси од испаѓање.

Фудбалерот од средниот ред на Вардар, Димитар Тодоровски ќе игра против својот поранешен клуб, Работнички.

„Секако дека кога играм против мојот некогашен клуб буди некакви емоции. Во Работнички пораснав, што се вели, тој клуб има огромен удел во мојот фудбалски развој. Сепак, сега сум дел од Вардар, а тоа значи само едно. Респект кон секого, но Вардар оди секогаш и на секој меч на победа. Убаво е да се негува таа традиција на градско дерби. Работнички е во неповолна позиција на табелата во моментов, но тоа апсолутно не го менува нашиот пристап за овој дуел. Одиме максимално по трите бода, за да го продолжиме позитивниот тренд од првото пролетно коло и победата против Арсими“, изјави Димитар Тодоровски.

Капитенот на Работнички, Бесир Демири вели дека силината на Вардар ќе биде дополнителен мотив за него и соиграчите.

„Продолжуваме да се бориме и на секој нареден натпревар ќе даваме максимум за да ја оствариме целта. Позицијата на табелата јасно ни налага дека ни се потребни бодови и ќе сториме сѐ да ги освоиме. Вардар е лидер на табелата, има одлична екипа, но тоа треба да биде и мотивација повеќе за нас да одиграме најдобро што можеме“, вели капитенот на Работнички, Бесир Демири.

Понеизвесно се очекува да биде во Струга каде доаѓа Силекс. Дуел меѓу две екипи од топ четири на табелата.

Играчот на Струга и младински репрезентативец, Меметриза Хамза вели дека мора да се победи Силекс по поразот од Шкендија.

„Подготвени сме и за овој натпревар, исто како и за претходните. Силекс го анализиравме доволно и се надеваме дека на крајот ќе ги освоиме сите три бода. На почеток сме од пролетниот дел од шампионатот и можам да кажам дека дуелот против Шкендија беше само еден лош ден за нас како екипа. Тоа веќе е минато и сега сме целосно фокусирани на следните натпревари, пред сѐ на денешниот дуел против Силекс. Веруваме дека нема да погрешиме и многу брзо ќе им се вратиме на позитивните резултати“, вели Хамза.

Ѓорѓе Џеков пак верува дека Силекс може да се врати со бодови од Струга.

„Одиме во Струга да се надигруваме, имаме добри играчи и мотивацијата е на високо ниво. Во првото коло не успеавме да запишеме триумф и покрај добрата игра. Бевме подобри од противникот, имавме доста шанси, но едноставно топката не сакаше во голот. Направивме и некои грешки кои ќе ги исправиме пред мечот со Струга ТЛ. Нема да не залаже фактот што противникот во првото коло загуби, затоа што мислам дека е една од подобрите тимови во Првата лига и ќе биде еден добар натпревар, вистинска битка за првите три места. Се надеваме дека ќе се вратиме со бодовите во Кратово“, рече Ѓорге Џеков, дефанзивецот на Силекс.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×