Шкендија оди по победа во Кавадарци, Тиквеш има други планови

by riste
2 минути читање

Денеска во Кавадарци, Тиквеш и Шкендија го отвораат 18. коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), тоа е единствениот денешен меч на програмата.

Шкендија во натпреварот влегува по победа над ривалот за титулата, екипата на Струга, а Тиквеш по убедливиот триумф од 6-0 над Шкупи.

Атмосферата во таборот на двете екипи е позитивна, тие си имаат свои математики, а кои ќе се остварат ќе се знае по крајот на натпреварот.

„Остваривме важна победа над Струга во првиот натпревар по зимската пауза, и тоа ја подигна нашата атмосфера. Но, сега одиме понатаму. Таа победа е веќе ставена во „архива“, и целосно сме фокусирани кон мечот со Тиквеш, каде што одново посакуваме три бода. Секако, одиме на победа. Играв во Тиквеш, и знам дека овој тим е многу мотивиран кога игра на свој терен. Но, сметам дека ако ние бидеме вистинските и се претставиме во добро светло, може да дојдеме до трите бода“, изјави фудбалерот на Шкендија, Имран Фетаи.

Искусниот Даниел Мојсов пак верува дека Шкендија има слаби страни и вели дека тие ги знаат кои се, негова желба е бодовите да останат во Кавадарци.

„Бодови мора да освојуваме против секого. На секој следен натпревар да одиме со јасна цел – нови три бода. Сега нè очекува многу поинаков меч од претходниот. Ги респектираме и ги цениме, но ние одиме на победа. Ако бидеме сите како едно, сигурен сум дека бодовите ќе останат во Кавадарци. Тие играат на повеќе фронтови и нормално е да имаат слаби страни. Ние ги знаеме и се надевам дека ќе успееме да ги искористиме. Од друга страна, свесни сме и за нивните квалитети и верувам дека ќе успееме да ги неутрализираме. Ги поканувам сите верни навивачи и поддржувачи, нашиот 12-ти играч „Лозарите“, да дојдат во што поголем број и да ни дадат силна поддршка, за заедно да извојуваме победа против една од најквалитетните екипи во лигата“, вели Даниел Мојсов.

Натпреварот меѓу Тиквеш и Шкендија се игра од 13 часот.

Распоред 18. коло

Сабота
Тиквеш – Шкендија
Недела
Работнички – Вардар
Струга – Силекс
Понеделник
Македонија ЃП – Шкупи
Арсими – Брера
Вторник
Башкими – Пелистер

Табела: Вардар 45, Струга 41, Шкендија 39, Силекс 32, Башкими 23, Арсими 22, Тиквеш 21, Брера 20, Пелистер 19, Македонија ЃП 16, Работнички 7, Шкупи 1.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×