Рома вечерва со 1-0 ја совлада Џенова и осигура финиш на шестата позиција, „волчицата“ сега ќе чека услуга од Аталанта за да обезбеди настап во Лигата на шампиони.
Италија и понатаму е во игра следната сезона да има дури шест преставника во најелитното европско натпреварување.
Рома, иако ќе финишира на шестата позиција на табелата, може да обезбеди настап во Лигата на шампиони.
Но за едно вакво сценарио, клучна улога ќе треба да одигра Аталанта. Клубот од Бергамо не само што ќе треба да слави против непобедливиот Баер Леверкузен во финалето во Лига Европа, ќе треба да внимава и да заврши во Серија А на позицијата број пет.
Аталанта во моментов е на тоа место на табелата, но има само бод помалку во однос на Болоња и Јувентус, кои утре имаат меѓусебен дуел, па лесно може да ги прескокне на табелата.
Останува да се види дали популарната „Ла Деа“ ќе може прво да му го нанесе првиот пораз на Баер Леверкузен, а потоа и да биде солидарна со Рома за испишување историја.