По долги преговори
и натегање со Наполи околку обесштетувањето, Челси за нов тренер конечно го
назначи Маурицио Сари, кој стана
шесетиот Италијанец кој седнал на кормилото на „Сините“.
„Маурицио Сари е
нов тренер на Челси. Пристигнува на Стемфорд Бриџ по три успешни години во
Наполи“ – гласи соопштението на Челси.
Поранешниот
банкар стави потпис на двегодишен договор со опција за додатни 12 месеци, и
целта нема да биде да прави пари, туку на Стемфорд Бриџ да го донесе убавиот и
офанзивен фудбал кој го негуваше во Наполи и за кој добиваше пофалби од сите
страни.
Негова прва
задача ќе биде да седне на преговори со Еден Азар и Тибо Куртоа и да ја разреши
иднината на двајцата Белгијанци кои се желба на Флорентино Перез и Реал Мадрид.
Исто така се
очекува Маурицио Сари веднаш да тргне на шопинг во Калчото и да донесе неколку играчи
од Серија А. Прво засилување ќе биде Жоржињо, кој треба да пристигне од Наполи
за околу 65 милиони евра. Фудбалерот кој е роден во Бразил но има италијански
пасош, веројатно ќе биде единственото име од Сан Паоло кое ќе му се придружи на
стратегот во Лондон.
Маурицио Сари
секако дека ќе сака да донесе уште неколку играчи од Наполи, но се верува дека
има потпишано пакт според кој не смее да купува од својот поранешен клуб,
особено не фудбалерите за кои има информации од прва рака за нивните откупни
клаузули.
Се очекува Челси
да тропне на вратата на Јувентс за Гонзало Игуаин и Даниеле Ругани, со кого
Сари соработуваше во Наполи, односно Емполи. „Старата Дама“ наводно е подготвена
да се раздели со напаѓачот за 60 милиони евра, односно со дефанзивецот за 40
милиони евра.
Алисон од Рома
исто така е потенцијална цел доколку Тибо Куртоа реши да не го продолжи
договорот. „Волчицата“ бара 70 милиони евра за Бразилецот.