Флорентино Перез
и Реал Мадрид се подготвуваат за живот без Кристијано Роналдо, па се очекува пристигнување
на неколку врвни фудбалери за да се надополни заминувањето на ЦР7.
Една од желбите е
Еден Азар, но Челси нема лесно да се откаже од услугите на својот најдобар
поединец и покрај тоа што играчот навести дека размислува за нова авантура.
„По шест
прекрасни години во Челси можеби е време за нова авантура“ – порача
репрезентативецот на „Ѓаволите“ од Санкт Петербург во саботата. „Можам да одлучам дали сакам да останам или да заминам, но
Челси ја има финалната одлука, дали ќе сакаат да ми дозволат да заминам. Сите
знаат која е мојата дестинација од соништата“.
Според пишувањата
на медиумите од Белгија и Англија, Реал Мадрид ќе треба „дебело“ да плати за
реализација на трансферот. Според белгијскиот весник ХЛН, Челси за услугите на
Еден Азар бара рекордни 225 милиони евра, што е за три милиони повеќе од она
што ПСЖ минатото лето го плати за Нејмар.
Слична е и веста
на Тајмс, весник кој ретко шпекулира и има прилично точни информации за
фудбалските случувања. Според оваа сторија, Челси ќе бара рекордна сума и
повеќе од 200 милиони фунти (226,5 милиони евра) за да се раздели со Еден Азар.
За разлика од
Еден Азар, вториот Белгијанец од Челси кој е желба на Флорентино Перез, Тибо Куртоа
е достапен за само 35 милиони евра. Причина зошто голманот е на попуст е тоа
што тој има договор до 2019 и веќе одби да ја продолжи верноста.
Тибо Куртоа во
неколку наврати отворено порача дека сака да се врати во Мадрид, каде живеат
неговите деца. По крајот на мундијалот, тој истакна дека ќе разговара со агентот
за да види кои му се опциите. Голманот исто така не ја отфрли можноста да
остане на Стемфорд Бриџ и да ја одработи последната година од договорот, а во
исто време ја подотвори и вратата за продолжување на престојот во Лондон.
„Ќе разговарам со
мојот агент и ќе видам кои ми се опциите. Се може да се случи. Луѓето постојано
се жалат дека играчите не ги почитуваат договорите, но јас би можел во целост
да го одработам мојот. Мислам дека Челси нема да држи голман од мојот калибар
на клупа дури и доколку одбијам нов договор. Но опција е и да останам уште
неколку години, ми се допаѓа животот во Лондон“ – истакна Куртоа по победата
над Англија во мечот за бронза.