Познати термините во Лигата на шампионите: Двете најголеми дербија ќе се играат во исто време!

by Стефан
1 минути читање

По ждрепката за Лигата на шампионите, Европската фудбалска асоцијација го објави и точниот распоред на натпреварите од осминафиналето.

Програмата стартува во вторник, на 10 март. Во терминот од 18:45 часот ќе се соочат Галатасарај и Ливерпул.

Од 21 часот следуваат три возбудливи пресметки: Аталанта во Бергамо ќе го пречека Баерн, Барселона ќе гостува кај Њукасл, додека Атлетико Мадрид на свој терен ќе се сретне со Тотнем.

Ден подоцна, во среда, програмата ќе ја отворат Баер Леверкузен и Арсенал од 18:45 часот, а од 21 часот се закажани двете најголеми дерби дуели на оваа рунда.

Реал Мадрид во шпанската престолнина ќе го пречека Манчестер Сити, додека Челси во Лондон ќе игра против актуелниот европски шампион Пари Сен Жермен. Тоа ќе биде и реприза на финалето од Светското клупско првенство, во кое летос славеше англискиот тим.

Воедно, Бодо ќе го пречека Спортинг во специфични услови на северот на Европа.

Реваншите се закажани за 17 и 18 март. Во вторник, на 17 март, ќе се играат возвратните натпревари од дуелите што се на програмата на 11 март, додека ден подоцна се закажани реваншите од мечевите одиграни на 10 март.

Можно е и ова да ти се допаѓа

×