Според информациите кои
ги пренесуваат речиси сите медиуми во Турција, а за кои сведочи и изјава на
еден од челниците на клубот, Коњаспор го договорил 30 годишниот македонски
напаѓач од редовите на Гезтепе, Адис Јаховиќ.
„Се договоривме со Адис
Јаховиќ кој ќе потпише две ипол годишен договор со нашиот клуб“ напиша заменик
претседателот на Коњаспор, Ахмет Бајдар на социјалните мрежи.
Ова одекна како големо
изненадување во турската фудбалска јавност, познато е дека Гезтепе правеше
максимални напори да го задржи својот најдобар фудбалер, кој неколку пати
потенцираше дека приоритет му е да остане во Измир, а притоа имаше и доста
позвучни клубови како заинтересирани за неговиот потпис, но очигледно Коњаспор
ги исполнила личните услови на напаѓачот.
Неофицијалните информации кои пристигнуваат од Турција, велат дека Гезтепе добро ќе заработи на продажбата на Македонецот чиј договор истекува идното лето, па еден ипол милион евра обештетување е одлично во такви услови.
Коњаспор со 16 бода
грчевито ќе се бори за опстанок во турската Суперлига, малку е потребно да се
дојде до избегнување на испаѓање во понизок ранг, а се чини дека резултати
најмногу ќе се очекуваат токму од Јаховиќ кој со 14 погодоци е на третото место
на листата на стрелците во лигата зад Јилмаз (17), односно Гомис (15).