„Старата дама“ се
поврзува со голем број на имиња, секој ден има по десетици вести за тоа кој ќе
биде новиот тренер на Јувентус и различни медиуми пишуваат различни стории.
Денеска се појавија
гласини дека Пеп Гвардиола на 4. јуни ќе потпише четиригодишен договор и за
плата од 24 милиони евра по сезона ќе пристигне во Торино.
Дури и
обложувалниците го направија Шпанецот прв фаворит за кормилото на Јувентус. Но не
сите се сложуваат со ваквите написи. Оние поголемите медиуми од „чизмата“ велат
дека ова е само сон и дека реалноста е сосема друга.
Guardiola-Juventus: 0 possibilità.
— Alessandro Alciato (@AAlciato) May 23, 2019
Новинарот на Скај
Италија, Алесандро Алчато на Твитер напиша дека шансите Пеп Гвардиола да стане
тренер на Јувентус се нула. Според Кориере дело Спорт, Шпанецот е во Абу Даби и
времето поминато во ОАЕ ќе го искористи за релаксација но и преговори за нов
договор со газдите на Манчестер Сити.
Nuovo allenatore #Juve, il dopo #Allegri: #Sarri in pole https://t.co/fXTtnRmhBj
— Tuttosport (@tuttosport) May 23, 2019
Тутоспорт, кој е
весник близок до Јувентус, исто така вели дека Пеп Гвардиола во моментов е само
голема желба на Андреа Ањели и додава дека Маурицио Сари е во пол позиција, а
планот Б е Симоне Инзаги.
Ла Стампа, весник
кој е во сопственост на семејството Ањели, исто така вели дека прва опција за
наследник на Макс Алегри е Маурицио Сари и се чека да заврши финалето од Лига
Европа за да бидат започнати сериозни преговори.
И Спортмедиасет е
на иста бранова должина, ТВ куќата која е во сопственоста на Берлускони не е
убедена од гласините кои кружат за пристигнување на Пеп Гвардиола во Јувентус и
објаснува дека ваквите написи се далеку од реалноста.
Сепак, со оглед на тоа дека никој не испрати демант на толку многу шпекулации и вести за паднат договор, сигурно има нешто. Јувентус минатото лето направи бум со ангажманот на Кристијано Роналдо, па зошто сега да не приреди нова бомба и да го ангажира најдобриот тренер на денешницата?