Teкст на аргентинскиот весник „Ла Насион“ крена голема прашина во јавноста, откако беше објавено дека сериозен финансиски скандал би можел да го доведе под знак прашалник настапот на Аргентина на Светското првенство во 2026 година.
Како што наведува познатиот медиум, аргентинското правосудство започнало истрага против претседателот на Аргентинската фудбалска асоцијација, Клаудио Тапија, човек кој важи за еден од највлијателните во земјата. Предмет на истрагата е неговиот имот, односно сомнежите за нерегуларности поврзани со недвижнините и начинот на кој е стекнато богатството.
Федералниот судија Даниел Рафекас наредил претреси во луксузна вила поврзана со компанијата „Real Central SRL“, која се доведува во врска со Лучијано Пантано и Ана Лучија Конде, лица за кои се тврди дека дејствувале како прикривање на вистинската сопственост на Тапија.
Во рамки на истрагата биле извршени контроли во повеќе од 15 фудбалски клубови, како и во деловен простор во центарот на Буенос Аирес. Акциите биле насочени кон имотот на Тапија и неговите најблиски соработници. Меѓу уапсените е и благајникот Пабло Товигињо, за кого се сомнева дека ја користел спорната вила, како и финансиската фирма „Сур Финанзас“, обвинета за одобрување кредити на клубови под крајно неповолни и злоупотребувачки услови.
Целиот случај будно го следи и ФИФА, а доколку се утврди дека Тапија навистина нелегално се стекнал со значителен имот, не се исклучува можноста Аргентина да се соочи со тешки санкции, па дури и со исфрлање од Мундијалот во 2026 година.