Аргентинецот на синоќешниот меч со Севиља лошо падна на десната рака, а Барса соопшти дека Лео Меси има фрактура на подлактицата и се очекува да паузира околу три недели.
Со ваква прогноза, тој ќе пропушти шест меча, двете пресметки со Интер во Лигата на шампионите, „Ел Класико“ дуелот со Реал Мадрид, како и мечевите со Рајо и Бетис, а и гостувањето кај Културал Леонеса во Копа дел Реј.
Според пишувањата на медиумите од Шпанија, Лео Меси е убеден дека може побрзо да се врати на терените, и си поставил предизвик да настапи против Интер на Џузепе Меаца на 6. ноември.
Еден од позитивните аспекти е тоа што фрактурата не е целосна, туку парцијална и не е потребен оперативен зафат. Неговата рака ќе биде имобилизрана околу две недели, но тоа не значи дека тој ќе седи дома, и ќе може да работи на фитнесот.
Но со оглед на тоа колку е важен Лео Меси за тимот, Ернесто Валверде сигурно нема да сака ништо да ризикува, па останува да се види како ќе се одвива рехабилитацијата на напаѓачот.