Ливерпул и Атлетико Мадрид го одиграа најдраматичниот натпревар во Лигата на шампионите, а англискиот првак со гол во судиското продолжение слави со 3-2. Стартот беше перфектен за домаќинот на „Енфилд“, бидејќи со головите на Енди Робертсон и Мохамед Салах уште до шестата минута водеше со 2-0. Сепак, пред полувремето Маркос Љоренте ги врати надежите на Атлетико. Во продолжението од средбата Шпанците успеаја да се вратат и до егал, а повторно стрелец беше Љоренте кој даде ефектен гол за 2-2. Во судиското продолжение Ливерпул сепак успеа да извлече победа, овојпат со гол на капитенот Вирџил Ван Дајк.
Во ефикасен натпревар победа забележа Баерн Минхен против Челси од 3-1. Баварците го совладаа светскиот клупски првак на „Алијанц Арената“ во Минхен целосно заслужено. Со автоголот на Чалоба и голот од белата точка на Хари Кејн домашните победоа со 2-0, но Кол Палмер ги задржа надежите на „сините“. Во вториот дел подобар ривал беше Баерн, а точка на победата стави повторно Кејн со гол по дефанзивна грешка на Челси. Имаше Палмер и уште еден погодок во завршницата, ама не се важеше поради недозволена позиција.
Најсигурен вечерва беше европскиот првак ПСЖ кој со убедливи 4-0 ја совлада Аталанта. Не успеаја Италијанците да парираат во Париз, па уште од третата минута имаа негатива по голот на Маркињос. До полувермето погоди и Квича Кварацкелија, а Бредли Баркола не реализира пенал. Во вториот дел Нуно Мендеш зголеми на 3-0, за потоа во судиското надополнување Гонсало Рамош да го постави конечниот резултат.
Рутинска беше и победата на Интер на гостувањето кај Ајакс во Амстердам (0-2). Маркус Турам беше херојот на „нераѕурите“ на ова гостување, бидејќи ги постигна двата погодоци во 42. и 47. минута од натпреварот. Двапати асистент беше Хакан Чалханоглу.