Последното коло можеби не донесе многу драма кога е во прашање битката за титулата, Брајтон на кратко го израдува Ливерпул, но Манчестер Сити не паничеше и брзо се врати на прав пат а потоа во вториот дел со два прекрасни погодока го осигура новиот наслов шампион на Англија.
Но во исто време се водеше и една друга битка, за тоа кој ќе биде најдобар стрелец во Премиерлигата. Мохамед Салах имаше два гола предност во однос на ривалите, но Садио Мане денеска два пати ја тресеше мрежата на Вулверхемптон, а двоен стрелец беше и Пјер Емерик Обамејанг против Барнли.
Сега тројцата имаат по 22 погодока на врвот, па се поставува прашањето кој ќе ја добие „Златната копачка“?
Според правилата на Премиерлигата, во ваква ситуација не се земаат други параметри во превид, како број на асистенции или односот на постигнати голови и одиграни натпревари, едноставно, наградата се дели помеѓу најдобрите стрелци. Тоа значи дека Салах, Мане и Обамејанг ќе добијат признание за прв стрелец.
Последен пат оваа награда беше поделена во сезоната 2010/11, кога Карлос Тевез и Димитар Бербатов имаа по 20 погодока во дресот на Манчестер Сити, односно Манчестер јунајтед.