Поранешниот фудбалер на Аталанта и Севиља, Папу Гомез вели дека тешко се помирува со одлуката да биде суспендиран на две години поради сируп за кашлање и очекува летоска да најде нов клуб.
Папу Гомез оваа недела откри како се навикнува на новиот живот откако по триумфот со Аргентина на мундијалот во Катар и најголемиот успех во кариерата, доби двегодишна суспензија поради паднат допинг тест.
„Доколку не ми ја намалат казната, ќе можам да се вратам на терените во октомври следната година, но полека се гледа светло на крајот од тунелот“ – вели Аргентинецот.
„Сакам повторно да играм, многу сум мотивиран. Откако ќе одработите 50% од казната, можете да се вратите на тренинг. Барав нешто во близина на мојот дом во Бергамо, стапив во контакт со човек од Ренате Калчо, тие ми ја отворија вратата и ми дадоа можност да тренирам со првиот тим. Одам на тренинг секој ден и сум навистина среќен. Сакам да најдам тим во јули и потоа да почнам да играм во октомври“.
За двегодишната суспензија тој додава: „Моја грешка е што не им кажав на докторите дека сум се напил сируп за кашлање, но никако не разбирам како може да ме казнат со две години, па какво влијание ќе има врз мене еден сируп за кашлање? Со каква предност ќе се здобие елитна атлета како мене? Казната е апсурдна“.
„Кога ги добив вестите на Светското првенство, ќе се онесвестев. Во Катар ми направија три изненадувачки теста, и на сите бев негативен“.
Запрашан дали бил разочаран од блиските изминатиов период, Папу Гомез вели: „Да, но мислам дека тоа е нормално. Кога сте на врвот, сите ве бараат… а кога сте во пеколот, никој не ви подава рака, во најдобар случај еден или двајца ќе бидат покрај вас. Но ова е убаво искуство кое ќе ви ги отвори очите“.