На 8. август во Скопје ќе се случи најголемиот спортски спектакл одржан во Македонија, нашата земја ќе биде домаќин на Суперкупот на УЕФА на кој ќе играат Манчестер јунајтед и некој од Јувентус и Реал Мадрид.
Интересот за билети за овој натпревар е огромен, а според информациите на УЕФА за „ТВ 24“ ќе ви биде потребна повеќе среќа отколку брзина. Извор на УЕФА потврди дека влезници ќе можат да се набават само преку официјалниот сајт на Европската фудбалска федерација и ниту еден друг.
Процедурата за набавка ќе биде иста како и за финалињата од Лигата на шампионите и Лига Европа. За билет ќе треба да се аплицира на линкот https://supercup.tickets.uefa.com/lottery/welcome_en.html кој засега не е активен. Аплицирањето ќе се врши во термин од 13 јуни до 4 јули кој УЕФА дополнително ќе го определи, а самата апликација не значи дека сте купиле билет. Откако ќе заврши рокот, УЕФА преку мејл ќе ги извести добитниците на билети а потоа ќе се врши плаќањето.
УЕФА наскоро и официјално треба да ги потврди термините за аплицирање и цените на билетите кои неофицијално ќе бидат од 15 до 50 евра.
Се уште не е познато колку билети ќе бидат пуштени во продажба со оглед на тоа дека двата клуба ќе добијат по околу 5.000 влезници за своите фанови, а дел од картите ќе бидат наменети и за ФФМ, спонзорите и партнерите на УЕФА Суперкупот.
Ристе Ѓорѓиевски