Казахстан живее во исчекување на историскиот настап на Каират во Лигата на шампионите на домашен терен. Утре во Алмати гостува европскиот шампион Реал Мадрид, меч кој предизвика невиден интерес во земјата и поширокиот регион.
За дополнителна мотивација се погрижи локален бизнисмен кој им вети спектакуларна награда на фудбалерите – по еден нов автомобил за секој што ќе се најде на теренот доколку Каират успее да го собори шпанскиот гигант.
„Како патриот и во пресрет на мојот роденден, ветувам дека ако тимот победи, секој кој ќе игра ќе добие автомобил. Алмати е светска престолнина, а Каират е шампион!“, порача тој, потсетувајќи на своите претходни гестови како доделувањето 100 станови на вработени.
Алмати живее за овој спектакл. Илјадници кинески навивачи веќе се во градот, а како што најавуваат медиумите, меѓу специјалните гости на трибините би можел да се појави и холивудската ѕвезда Џеки Чен.