По турбулентниот период кој го одбележа односот меѓу Мохамед Салах и тренерот Арне Слот, капитенот на Ливерпул Вирџил ван Дајк јавно се огласи и ја искажа својата поддршка за египетската ѕвезда.
По ремито со Брајтон, холандскиот дефанзивец нагласи дека очекува Салах да остане фокусиран на обврските со клубот и дека моменталната ситуација нема да влијае врз неговата иднина на „Енфилд“. Салах претходно беше изоставен од составот за гостувањето кај Интер на „Џузепе Меаца“, поради несоодветните коментари упатени кон Слот по дуелот со Лидс.
„Сите се надеваме дека Салах ќе се врати и дека ќе биде важен за нашиот тим до крајот на сзоната. Сите знаеме дека во фудбалот тешко е да се предвиди иднината, и што ќе се случува на крајот. Сепак, јас се надевам дека Мо ќе остане, затоа што тој е еден од лидерите на Ливерпул и е многу важен за нашиот тим“, рече Ван Дајк.
Арне Слот реши повторно да му укаже доверба на Салах во натпреварот против Брајтон, а по завршувањето на средбата порача дека недоразбирањата се надминати. Холандскиот стратег истакна дека разговорите меѓу нив остануваат внатрешна работа и дека Салах и понатаму ќе биде важен дел од екипата на Ливерпул.