ЦР7 нема да биде единственото звучно име кое ќе пристигне во Торино ова лето, Бепе Марота и Фабио Паратичи работат на создавање на дрим тим со кој Масимо Алегри ќе атакува на титулата од Лигата на шампионите.
Според Спортмедиасет, високо на агендата останува Сергеј Милинковиќ Савиќ од Лацио, кој е дамнешна желба на Јувентус.
Но зделката воопшто не е лесна, покрај силната конкуренција во име на Реал Мадрид, Манчестер јунајтед и ПСЖ, проблем се и високите барања на Клаудио Лотито од 140-150 милиони евра.
Јувентус веќе „коваат“ план како да го убеди претседалот на „Бјанкочелестите“. Првата цел на Марота и Паратичи е да издејствуваат плаќање на две рати, како што беше при трансферот на Гонзало Игуаин во 2016 и овој рекордниот на Кристијано Роналдо.
Стратегијата на „Бјанконерите“ не завршува тука, за да се намали вредноста на Србинот, Јувентус ќе му даде на Лацио да избира од двајца играчи. Едниот е Хуан Квадрадо а вториот е Марио Манџукиќ. Спортмедиасет додава дека Колумбиецот е особено по мерка на Симоне Инзаги, а во полза на шампионот на Италија е и тоа што на Лацио ќе му бидат потребни крилни фудбалери откако си заминаа Фелипе Андерсон и Нани.