Интер е на чекор до ангажман на нов голман, откако според информациите од Италија, клубот постигнал договор со Лацио за трансферот на Иван Проведел.
Искусниот чувар на мрежата треба да се пресели на „Џузепе Меаца“ за сума од околу три милиони евра, со што „нераѕурите“ ќе го решат прашањето на голманската позиција пред стартот на новата сезона.
Раководството на Интер подолго време бараше сигурна опција меѓу стативите, особено поради најавеното заминување на Јан Зомер, кој е блиску до трансфер во Ајакс. Иако Жозеп Мартинез ќе добие поголема минутажа и шанса да се докаже, тренерот Кристијан Киву инсистирал во тимот да пристигне искусен голман, а изборот паднал токму на Проведел.
Италијанските медиуми пренесуваат дека преговорите меѓу двата клуба биле успешно завршени по постигнатиот компромис околу обештетувањето. Лацио првично барал пет милиони евра за својот прв голман, но на крајот прифатил пониска понуда за да се реализира трансферот. Проведел наскоро се очекува да ги мине медицинските прегледи и официјално да стане нов член на Интер.