Белгиецот пристигна како големо засилување за Интер пред почетокот на сезоната, но прикажа премалку поради честите повреди. Раџа Наинголан сега има нов проблем. Интер го суспендираше на неодредено време поради дисциплински причини.
Како што пренесуваат медиумите од Италија, тој денеска задоцнил на тренинг, па со оглед на тоа дека веќе неколку пати оваа недела не се појавил на време, „нероаѕурите“ решиле да реагираат.
Поради суспензијата тој ќе го пропушти дуелот со Наполи во среда, и е под знак прашалник за последниот натпревар оваа година против Емполи.
Популарниот „Нинџа“ изминативе денови веќе беше во центарот на вниманието поради работи кои не се поврзани со фудбал. Измамници ги фалсификувале неговите чекови и го оштетиле за 150.000 евра. Но веројатно полошо за играчот е тоа што истрагата покажала дека тој загубил голема сума на пари во казино.